Дебаклот од Анадолу Ефес ќе остане запамтен во оваа, уште една турбулентна сезона за Партизан на сите фронтови.
Откако минатото лето направи целосна реконструкција на екипата, а стартот беше мошне тежок, се чинеше дека „црно-белите“ полека фаќаат залет на крајот од сезоната и дека ќе успеат да стигнат до разигрувањето за титулата во Евролигата. На крајот дојде отрезнувањето од Анадолу Ефес кој ќе остане со црни букви запишан во историјата на Партизан.
Поразот што синоќа го претрпе (65-97) е највисок за Партизан на натпревар од Евролигата, доживеан на домашен терен. Досегашниот антирекорд датираше од 22 март 2007 година кога ЦСКА во Пионир го уништи тимот предводен од Душко Вујошевиќ со 86-55. Тогаш тоа се случи во последното коло од Топ-16 фазата кога Партизан немаше шанси да се пласира во следната фаза, па си дозволи убедливо да загуби.
Сега ситуацијата е поинаква, Партизан се уште е во игра за место меѓу најдобрите 10 на табелата, но по синоќешната катастрофа, сето тоа станува исклучително тешко.


