Српските клубови Партизан и Црвена Звезда се обидуваат да дојдат до тригодишна лиценца за учество во Евролигата, но условите кои ги поставува европската кошаркарска организација воопшто не се поволни за нив.
Местото во Евролигата можат буквално да го купат, но цената за тоа е исклучително висока. Изнесува пет милиони евра за три години, но тоа не е единствениот проблем бидејќи Партизан и Црвена Звезда нема да имаат никакви приходи од телевизиските права и треба да уплатат дополнителни 500 илјади евра.
Половина од последната ставка е депозит за казни (250 илјади евра) и уште толку за фондот за судии во кој партиципираат сите клубови.
Идентични услови како вечните ривали добиле Виртус и Дубаи, а се шпекулира дека нешто подобро ќе помине Париз, како клуб од најголемиот пазар кој и идната сезона ќе учествува во Евролигата. Ваквите потези дополнително ги подгреваат информациите дека елитното натпреварување идната сезона ќе се прошири од 18 на 20 екипи, нови членови треба да бидат Хапоел Тел Авив и Дубаи, но на учество се надева и Валенсија која во иднина ќе настапува во нова арена.


