Откако неодамна Алба одлучи да ја напушти Евролига и да се пресели во Лигата на шампионите на ФИБА, не би било изненадување по тој пат да тргне и Валенсија.
Шпанскиот тим повеќе од две децении настапува во натпреварувањата на Евролига, најтрофеен тим е во Еврокупот со четири титули и уште два пати играше во финалето, но развојот на настаните во европската кошарка ги тера челниците да размислуваат во друга насока. Медиуми од Шпанија тврдат дека веќе се водени разговори со ФИБА преку која Валенсија ќе бара место во НБА Европа, но од ФИБА ѝ бараат прво да учествува во Лигата на шампионите.
Клубот уште не ја донел конечната одлука, а наводно закажани се нови преговори со цел да се најде најдоброто можно решение. За амбициите на Валенсија најдобро сведочи изградбата на нова арена со капацитет од 15 илјади места. Сепак, за тригодишен настап во Евролигата, клубот треба да плати вкупно шест милиони евра што е огромна сума, додека во Лигата на шампионите не само што нема да плати ништо, туку и може да заработи.
Не е исклучено да остане во Еврокупот, како последната сезона, а догодина повторно да размисли што ќе прави, имајќи предвид дека проектот НБА Европа се очекува во 2026 или 2027 година.


