Сопственикот на Панатинаикос, Димитрис Јанакопулос имаше уште едно епско помрачување, удирајќи по сите во европската кошарка.
Неговиот тим синоќа доживеа пораз од Анадолу Ефес во вториот четвртфинален натпревар во Евролигата, а при последниот шут, имаше сомнителен момент кога Поарие можеби го удри Нан при обид за тројка. Панатинаикос жестоко реагираше, но она што го направи Јанакопулос уште долго ќе се памти.
„Радовиќ, Белошевиќ, Јавор, Пукл, Николиќ, Хордов… Сите вие, така? Сите, јас лично ќе ве уништам. Го направив тоа лани и сега пак ќе го направам. Клуб како Реал, со толкава историја, најмногу титули во Евролигата и дозволувате вака да ве третираат? Во Грција постои изрека: кога си фин, луѓето мислат дека си слаб. Ние не сме слаби, верувајте, посилни сме од сите вас заедно. Сакате мој потпис за следните 10 години? Еве ви го мојот потпис. Играјте Евролига сами, ние одиме во НБА или ФИБА“, рече, меѓу другото, Јанакопулос, притоа фаќајќи се за меѓуножјето.
Сепак, ова не е ништо ново за контроверзниот сопственик на Панатинаикос кој слично се однесуваше и лани кога неговиот тим имаше проблеми со Макаби во плејоф серијата. И порано неколку пати најавуваше истапување од Евролигата, но сега се проширија можностите со најавата за влез на НБА во европската кошарка и тоа дополнително му дава сила.


