Репрезентацијата на Бугарија остана со теоретски шанси за пласман на Европското првенство, но се соочува со големи проблеми пред клучниот натпревар, против Германија в недела на гостински терен.
Голема е веројатноста на тој меч да не настапат најголемите ѕвезди и најдобри играчи во тимот Александар Везенков и Коди Милер Мекинтаер кои се уште немаат дозвола од своите клубови. Натпреварот се игра в недела и најверојатно денеска точно ќе се знае дали тие ќе патуваат за Германија, но до моментов мали се шансите тоа да се случи.
„Имам лоша информација за Милер Мекинтаер, а и за Везенков уште не е јасно. Треба да видиме прво дали ќе патуваат со нас. Ако отидеме без нив, ќе останеме со само десет кошаркари и во таква ситуација е многу тешко“, изјави селекторот на бугарската репрезентација Росен Барчовски.
Милер Мекинтаер е член на Црвена Звезда која идната недела игра многу важен натпревар против Жалгирис во Евролигата, а Везенков со Олимпијакос гостува кај Виртус во надеж дека ќе ја продолжи победничката серија.


