Иако гости во „мајсторките“, екипите на Гран Канарија и Хапоел Тел Авив успеаја да победат и да обезбедат пласман во финалето од Еврокупот.
Гран Канарија славеше кај Бахчешехир со 76-72 и вторпат во последните три сезони ќе игра во серијата за титулата во второто по квалитет, европско натпреварување. Натпреварот беше решен во последните секунди во кои домашните кошаркари промашија слободно фрлање за израмнување, а потоа и не искористија напад при водство на Гран Канарија од 74-72.
Хапоел беше во голема негатива три четвртини, губеше и со 12 поени разлика (17-29), но во последниот квартал го комплетира големиот пресврт. Кошот за победа го постигна Маркус Фостер на нешто помалку од три секунди пред крајот на мечот.
The shot that got @HapoelTLVBC to the EuroCup final! 😤💯
— BKT EuroCup (@EuroCup) April 2, 2025
Marcus Foster tuff 🫡🔥#MagicMoments pic.twitter.com/6vTsIDrweg
За Хапоел Тел Авив ова е прво финале и може да стане само вториот израелски тим со титула во Еврокупот, по Хапоел Ерусалим во 2004 година. Гран Канарија во 2015 година загуби од Химки, но во 2023 година ја освои титулата по триумфот против Турк Телеком. Предноста на домашен терен во финалната серија ќе ја има Хапоел, но поради војната во Израел, овој тим своите натпревари ги игра во Самоков, во Бугарија. Натпреварите од финалето се на програмата на 8, 11 и 16 април.
Победникот во финалето би требало да обезбеди пласман во Евролигата, но Гран Канарија пред две години се откажа од своето право поради големите финансиски трошоци и покрај освоената титула.


