Вторпат во низа, грчкиот прволигаш Олимпијакос го освојува третото место на завршниот турнир од Евролигата.
Во „малото“ финале одиграно денеска, првпат меѓу две екипи од Грција, тимот од Пиреја го совлада Панатинаикос со 97-93 во меч во кој ривалите играа практично без одбрана. Тоа и не е чудо ако се знае дека ни едните, ни другите, воопшто не сакаат да настапат бидејќи овој натпревар нема никакво резултатско значење.
За разлика од полуфиналето кога блескаше Фурние, сега прв играч на Олимпијакос беше Алек Петерс кој постигна 32 поена со шест тројки од 11 обиди. Впечатокот го поправи Везенков кој заврши со 23 поени, а Фурние не беше многу расположен за игра и заврши со пет реализации.
Кај Панатинаикос доминираше Омер Јурцевен со 23 поени и 8 скока, Осман додаде 14 поени, а Лесор 12. Многу поинтересно ќе биде в петок кога овие две екипи ја почнуваат финалната серија од грчкиот плејоф, а предноста на домашен терен ќе ја има Панатинаикос.


