Неверојатно патешествие имаат околу 200 навивачи на Панатинаикос и Олимпијакос кои од неделата вечер не можат да се вратат во својата татковина откако во живо го следеа завршниот турнир од Евролигата во Абу Даби.
Тие ги напуштиле Обединетите Арапски Емирати, но од вчера утро се заглавени на аеродромот во грузискиот град Кутаиси. Интересно е тоа што на куп се навивачи на двата грчки гиганти што не се гледа често, но не само што не прават проблеми, туку заедно се борат против авиокомпанијата која требаше да ги врати во Грција.
Од Абу Даби тргнале вчера во 4 часот наутро, два часа подоцна стигнале во Кутаиси, а кон Атина требало да тргнат во 11:50 по локално време. За нивна несреќа, доаѓањето во Грузија се случило на денот на независноста на оваа поранешна советска република, па поради тоа почнала голготата. Прво им било кажано дека летот е одложен за 13 часот, потоа за 16 за на крајот да дојде пилотот и да им каже дека поради прославата на празникот, небото над градот е затворено за авиони. Да биде уште полошо, на навивачите не им било дозволено да излезат од авионот и останале во него десетина часа.
Кога се побуниле дека им се потребни храна и вода, од компанијата добиле одговор дека можат да им дадат, ама ако си платат што предизвикало дополнителен револт. Поради барањата да се отвори вратата и да излезат од авионот, дошла аеродромската полиција со која навивачите влегле во конфликт, но на крајот било најдено решение и им било дозволено да се симнат од леталото. По долго чекање, добиле информација дека летот се презакажува за денеска од 19 часот по што Грците збеснале затоа што морале да се појават на работа, а имале закажано дополнителни летови бидејќи некои од нив се од Крф, Игуменица, Лефкада, па и Крит. Нивната агонија трае веќе 30 часа, па дел од патниците најавиле колективна тужба против компанијата, веднаш штом се вратат дома.


