На денешниот состанок на Бордот на ФИБА во Рига, одредени се четирите држави кои ќе го организираат Европското првенство во 2029 година.
Повторно домаќини на шампионатот ќе бидат четири држави, една од нив е Грција за која уште минатата недела беше најавено дека ќе биде кооорганизатор, додека денеска се избрани и останатите три. По една група ќе има уште во Талин, Љубљана и Мадрид со тоа што завршницата ќе се одржи во главниот град на Шпанија. Отворањето на првенството ќе се одржи на стадионот „Сантијаго Бернабе“ пред 80 илјади гледачи, што ќе биде можеби најголемиот спектакл во историјата на оваа манифестација. Натпреварите од групата во Мадрид, како и од нокаут фазата ќе се играат во Мовистар арената која има капацитет од 17,5 илјади места.
Естонија првпат во историјата ќе биде (ко) домаќин на континенталниот шампионат, Грција последен пат беше организатор во 1995 година, Шпанија во 2007, а Словенија во 2013 година. Во конкуренција беа уште Литванија и Холандија, додека Германија и Финска ја откажаа својата кандидатура.


