Сезоната која почна со магично, со МВП трофеј во Суперкупот на Италија, за Ненад Димитријевиќ најверојатно ќе заврши сосема спротивно.
Италијанските медиуми, особено оние од Милано, тврдат дека македонскиот репрезентативец нема повеќе да заигра за Олимпија и дека претстојното лето дефинитивно ќе си замине. Такви информации имаше и минатиот месец, со дополнување дека Уникс со раширени раце го очекува да се врати, но сега има основа за ваквите тврдења бидејќи Димитријевиќ не беше во составот на дуелот против Басконија.
Во последен момент, тој отпадна од составот и на негово место во протоколот се најде Акиле Лонати, а тренерот Еторе Месина по мечот истакна дека Нено не е повреден, туку неговото изоставување од составот е од техничка природа, односно негова лична одлука. Димитријевиќ, всушност, ги пропушти последните два натпревара од Евролигата, а од 27 март, одигра само еден меч, против Реџо Емилија минатиот викенд во домашното првенство.
Медиумите на Апенинскиот полуостров тврдат дека односот меѓу македонскиот кошаркар и тренерот е проблематичен од почетокот на сезоната, но фактите не одат во прилог на ваквото тврдење бидејќи Димитријевиќ до февруари беше стандарден во тимот и ретко играше под 20 минути на натпревар. Поради последниот развој на настаните, шпекулациите се дека Нено нема да заигра повеќе до крајот на сезоната, а со оглед на тоа што Олимпија Милано испадна од Евролигата, ѝ остануваат само натпреварите во италијанското првенство каде екипата ја брани титулата. Дали овие тврдења се точни, може да се знае веќе утре кога Олимпија Милано на домашен терен игра со Пистоја.


