Израел претстојната сезона ќе има два претставника во Евролигата бидејќи покрај Макаби, пласман во елитното натпреварување преку Еврокупот обезбеди и Хапоел.
Поради конфликтот во Газа, двата клуба последните две години своите натпревари како домаќини ги играа надвор од Израел со тоа што Хапоел во Еврокупот играше во Бугарија, а Макаби во Србија. Тоа би можело да се смени бидејќи за претстојната сезона се подготвуваат да играат во Кипар кој е многу поблиску.
Натпреварите како домаќини би ги играле во арената „Спирос Киприану“ во Лимасол која е со капацитет од околу 8.000 места, а во неа претстојното лето ќе се одржуваат и дуели од Европското првенство бидејќи Кипар е ко-домаќин.
Повеќе детали на оваа тема се очекуваат во следниот период, а екипите до лето треба да ги потврдат арените каде ќе играат како домаќини.


