Српскиот шампион Црвена Звезда го доживеа третиот пораз во низа во Евролигата откако вечерва загуби на домашен терен од Олимпија Милано со 80-82.
Тоа е и петти пораз по ред на домашен терен од италијанскиот првак кој од 2021 година се претвори во вистински кошмар за Црвена Звезда кога се игра во Белград. Домаќините беа доминантни на почетокот од мечот кога загреан беше Немања Недовиќ кој ги постигна првите осум поени на својот тим.
Олимпија Милано го презеде водството на стартот на вториот квартал, а перманентно имаше предност почнувајќи од третата четвртина. Во неколку наврати имаше +6, но Звезда се врати во игра и се избори за драматичен финиш. Во пенал завршницата, сепак Олимпија Милано беше подобра и си замина со исклучително важна победа од Белград.
Сега има идентичен биланс како Звезда (16/13) и подобар биланс во меѓусебните дуели па ако вака завршат двете екипи, италијанскиот првак ќе има предност. Во следното коло Звезда гостува кај Олимпијакос, а Олимпија Милано кај Париз.


