На 37-годишна возраст, легендата на Реал Мадрид и шпанската кошарка Серхио Љуљ одлучи да стави крај на својата репрезентативна кариера.
Денеска тој официјално ја објави својата одлука и тоа на специјален настан во организација на Кошаркарската федерација на Шпанија (ФЕБ). Љуљ беше шпански репрезентативец 16 години, дебитираше на 14 август 2009 на пријателскиот меч против Куба, а со националниот тим освои вкупно седум медали на големите натпреварувања од кои четири злата, едно сребро и две бронзи. Тој беше и последниот преостанат член на генерацијата на шпанската репрезентација која во 2009 година освои титула на Европското првенство во Полска поради што неговото повлекување во Шпанија го нарекуваат крај на една ера.
„Денеска го затворам поглавјето во шпанската репрезентација. Беше чест и привилегија да се игра за националниот тим, неверојатно патување на кое се обидував да дадам се од себе“, рече Љуљ кој во репрезентативна пензија заминува со 173 настапи за „фуријата“.
И покрај тоа што во ноември ќе наполни 38 години, плејмејкерот не планира целосно да ја напушти кошарката и во иднина ќе продолжи да го носи дресот на Реал Мадрид.


