Бразилскиот стручњак Тијаго Сплитер многу веројатно ќе го напушти Париз на крајот од оваа сезона, тврдат француските медиуми.
Тој лани го наследи Туомас Исало откако Финецот замина во Мемфис Гризлис, а сличен веројатно ќе биде патот и на Сплитер. Неофицијално, тој има понуда да стане дел од стручниот штаб на Сан Антонио Спарс каде дојде до промени откако Грег Попович доби мозочен удар и ја заврши тренерската кариера, а на негово место беше поставен Мич Џонсон.
Сплитер е добро познато име во Спарс, пет сезони од својата играчка кариера помина таму, а и како тренер веќе има искуство во НБА бидејќи од 2019 до 2024 година беше асистент во Бруклин и Хјустон. Евентуалниот ангажман во Сан Антонио за него би било враќање во американската кошарка каде е исклучително почитуван.
Како можен наследник на Сплитер во Париз се спомнува италијанскиот стручњак Лука Банки кој најверојатно ќе си замине од Анадолу Ефес, но не е исклучено на тренерската функција да биде 28-годишниот помошник на Сплитер, Јулиус Томас.


