Трет пат по ред, репрезентацијата на Летонија успеа да го победи актуелниот европски шампион Шпанија.
Двете селекции се пласирани на Еуробаскетот, но и покрај тоа, Летонците вечерва одиграа максимално ангажирано и на домашен терен буквално ја растурија „фуријата“ со 83-66. Серијата победи против овој ривал почна на Мундијалот во 2023 кога во клучниот натпревар за пласман во следната фаза, Летонија славеше со 74-69. Пред точно една година триумфираше и на гостувањето во Сарагоса, а вечерва го комплетира хет-трикот со победа од 83-66.
Најзаслужен за триумфот беше Родионс Куруч кој постигна 28 поени, 7 скока и 3 асистенции. Шпанците традиционално во квалификациите играат со „трет“ состав, ги нема најголемите ѕвезди, но и тоа не е оправдување за трите порази по ред од Летонија и особено за вечерашниот дебакл.


