Екипата на Фенербахче го совлада Париз со 101-100 во рамките на 31. коло од Евролигата. Со тоа, турскиот тим стана вториот што обезбеди плеј-оф во елитното натпреварување, по Олимпијакос.
Натпреварот го одбележа неверојатниот финиш во кој Фенербахче успеа да направи огромен пресврт откако во третата четвртина имаше негатива и од 15 разлика. На шест минути до крајот се доближи на шест поени (80-86) по тројката на Ерик Мекалум, по што Најџел Хејс Дејвис направи серија од 11 поени по ред за својот тим, што го донесе пресвртот (91-88).
Гостите одговорија со серија од 8-0 и повторно поведоа, Тарик Биберовиќ се погрижи за израмнување (98-98), а потоа Хејс-Дејвис го постави конечниот резултат со тројка со истекот на времето.
NIGEL HAYES-DAVIS SECURES A WIN AND A PLAYOFF SPOT 😱pic.twitter.com/AhelpENTmp
— BasketNews (@BasketNews_com) March 25, 2025
Најефикасен на натпреварот беше Марко Гудуриќ со 25 поени, но епитетот херој му припадна на Најџел Хејс Дејвис, кој постигна 14 од своите 19 поени во последните минути. Ерик Мекалум мечот го заврши со 18 поени и пет скока, а двоцифрен кај домашниот тим беше и Тарик Биберовиќ со 14 поени и четири асистенции. Кај Париз се истакна Ти Џеј Шортс со 19 поени и 10 асистенции, а идентичен поентерски учинок имаше и Надир Хифи.


