Анадолу Ефес се избори за петти натпревар во серијата со Панатинаикос откако вечерва на домашен терен славеше со 85-82 и израмни на 2-2.
Најдобрата и најнеизвесна серија во овој плејоф ќе се решава во ОАКА, веројатно пред преполни трибини. За неизвесноста на дуелите, најдобро зборува фактот што сите четири досегашни натпревари завршија со три или четири поени разлика.
И вечерашниот меч беше крајно неизвесен до крајот. До последната четвртина, ниедна од екипите не успеа да направи повисока предност од пет поени, а двете екипи играа на бранови. Одлуката падна во последната минута кога Брајант постигна тројка, потоа Осман направи неспортски прекршок над Доузер и Ефес отиде на 83-76. Осман и Слукас потоа погодија две луди тројки, но не ја загрозија победата на домашниот тим.
„Мајсторката“ е на програмата на 6 мај од 20 часот во Атина и победникот од тој меч ќе патува на Ф4 во Абу Даби.


