Италијанскиот првак Олимпија Милано денеска ја совлада Пистоја со 95-80, но натпреварот го одбележа фактот што во второто полувреме од мечот, на клупата не беше првиот тренер Еторе Месина.
За многумина беше чудно што тој не ја води екипата, но клубот објасни која била причината за тоа. Месина добил силна мигрена пред крајот на првото полувреме што влијаело и на неговиот центар за рамнотежа, па докторите му препорачале да го напушти натпреварот. За среќа, не е ништо сериозно и тој по консултациите со лекарите, безбедно се вратил дома.
Место него, екипата во вториот дел ја водеше помошниот Марио Фјорети, а во составот повторно го немаше Ненад Димитријевиќ. Интересно е тоа што за Месина, денешната победа беше број 500 во италијанското првенство.


