Еден од моментите кои го одбележаа синоќешниот натпревар меѓу Партизан и Олимпијакос е мини-церемонијата на која белградскиот клуб се обиде да го испочитува својот поранешен играч Никола Милутинов.
Сепак, место сето тоа да помине во свечена атмосфера, центарот на противничкиот тим доби жестоки свирежи и навреди од трибините, нешто што веројатно никој не очекуваше. По натпреварот, Милутинов се осврна на ситуацијата, при своето прво гостување против Партизан во Евролигата и покрај тоа што не играше.
„Од една страна, разбирливи се свирежите, не чувствувам ништо лошо кон нив. Верувам дека тоа е од некоја причина што играм за Олимпијакос, можеби поради нешто што се случило на првиот натпревар, но јас секогаш сум се трудел кога играм и сакам да победам. Така е и со родениот брат, не му попуштам и секогаш сакам да го победам, во што и да е“, изјави Милутинов.
Интересно е тоа што лани, искусниот центар беше присутен на финалето од АБА лигата како специјален гостин на Партизан и тогаш беше еуфорично поздравен од навивачите. Сега тие му замеруваат затоа што бурно ја прослави драматичната победа, по продолжение, на првиот меч меѓу Олимпијакос и Партизан, одигран во Пиреја минатиот октомври.