Со пет натпревари, вечерва продолжува 29. коло од Евролигата, а ситуацијата во пресрет на завршниот дел од основната фаза во елитното натпреварување е најблаго речено – неверојатна.
Олимпијакос веќе го обезбеди пласманот во плејофот, Фенербахче е многу блиску да го направи тоа, а во последните пет кола ќе се води жестока битка за останатите учесници во разигрувањето за титулата. Зад Олимпијакос и Фенербахче е Панатинаикос, а потоа следуваат дури девет екипи кои се на разлика од само два бода. Монако, Париз (со натпревар повеќе) и Баерн имаат по 17 победи, Црвена Звезада, Олмпија Милано (со натпревар повеќе) и Барселона по 16, а Партизан, Анадолу Ефес и Реал по 15.
Шанси за пласман барем во плејаутот има дури и 13-пласираниот Жалгирис кој заостанува само една победа зад Партизан кој е десетти, додека Басконија, Асвел, Макаби, Виртус и Алба се екипите кои се во аут, односно отпишани.
Колото кое почна завчера, а продолжува денеска и утре, носи неколку директни пресметки за местата кои водат понатаму, како на пример дуелот меѓу 10-пласираниот Партизан и 11-пласираниот Анадолу Ефес, потоа меѓу Монако и Фенербахче, како и меѓу Олимпијакос и Црвена Звезда бидејќи и покрај тоа што грчкиот тим го обезбеди пласманот во плејофот, уште не му е загарантирано првото место на крајот од основниот дел.


