Ергин Атаман го освои третиот трофеј откако го презеде Панатинаикос, триумфирајќи вечерва во финалето од Купот на Грција.
Актуелниот европски и грчки шампион го совлада Олимпијакос со 79-75, по голема борба и драматичен финиш во кој кошаркарите од Пиреја имаа многу поплаки на судењето. Олимпијакос имаше +4 на околу две минути пред крајот, но потоа играчите на Јоргос Барцокас промашија неколку удари, вклучувајќи ја тројката на Везенков во последните секунди, при резултат 77-75, поради што жестоко протестираа кај судиите, барајќи лична грешка.
Со денешниот триумф, Панатинаикос го освои 21. трофеј во Купот на Грција, но во исто време стави крај на тригодишната доминација на Олимпијакос во ова натпреварување. За МВП на турнирот беше прогласен капитенот на ПАО, Костас Слукас кој во финалето постигна 17 поени, 5 асистенции и 3 скока за индекс 23.


