Од претстојното Европско првенство, ФИБА воведе новина кога станува збор за составот на групите, по примерот на ракометните натпреварувања.
Секоја држава организатор, а ги има четири, доби право да избере по една репрезентација од пласираните која ќе ѝ биде партнерска, врз основа на комерцијалните и маркетиншките критериуми. Летонија и Финска веќе ги избраа своите „партнери“, а останува тоа да го направат Кипар и Полска.
Летонците ја избраа Естонија што не е неочекувано, имајќи ја предвид поврзаноста и тесната соработка на овие две земји, додека Финска се одлучи за Литванија. Ова значи дека Естонците ќе играат во групата во Рига, а Литванците во Тампере. Може да се претпостави дека Кипар ќе ја избере братската селекција на Грција, па останува да се изјасни уште Полска.
Останатите 16 репрезентации, на 27 март ќе дознаат во која група ќе играат и кои ќе им бидат ривалите во групната фаза. Ждрепката ќе се одржи во Рига, каде е планирано да се игра и финалето од Европското првенство, на 14 септември оваа година.


