Од денеска до недела во Абу Даби ќе се одржи завршниот турнир од Евролигата кој ќе го даде новиот европски шампион во кошарка.
Титулата ја брани Панатинаикос, а Олимпијакос, Монако и Фенербахче ќе се обидат да му ја одземат. Од нив, само Монако досега не бил континентален првак, а ова му е второ учество на Ф4.
Неколку интересни факти се поврзани со учесниците на завршниот турнир од Евролигата. Панатинаикос е најуспешен од сите учесници со седум трофеи, но никогаш не успеал да ја одбрани титулата. Олимпијакос ќе се обиде да го прекине проклетството на првопласираниот тим од основниот дел од сезоната имајќи предвид дека никогаш откако се игра по овој формат, лидерот од лигашкиот сегмент не ја освоил титулата.
Фенербахче има една титула, освоена во 2017 година, една сезона подоцна стигна до финалето, но загуби од Реал и остана на тој единствен трофеј. Монако играше на завршниот турнир во 2023 година, во полуфиналето загуби од Олимпијакос со кого ќе игра и денеска од 20 часот.
Први на терен денеска, од 17 часот, излегуваат екипите на Фенербахче и Панатинаикос. На двата меѓусебни дуела во основниот дел од сезоната славеше грчкиот тим, но двата беа тесни и решавани во последните моменти. Тренерот на Монако, Василис Спанулис во својот прв Ф4 настап како тренер ќе игра против Олимпијакос (20 часот) со кого освои две титули во Евролигата.


