Првпат во својата историја, екипата на Монако ќе игра во финалето на Евролигата откако вечерва го совлада Олимпијакос со 78-68.
Грчкиот тим го продолжи проклетството на првопласираните по основниот дел од сезоната кои потоа не успеваат да ја освојат шампионската титула во елитното натпреварување. Ова беше вторпат откако се игра по овој формат, Олимпијакос да ја доживее истата судбина бидејќи првопласиран беше и во 2023 година, но тогаш барем стигна до финалето и во драматичен финиш загуби од Реал.
Сега ќе се бори за третото место со својот грчки ривал Панатинаикос, дуел кого многумина го очекуваа во финалето. Монако го одигра можеби својот најдобар натпревар оваа сезона, комплетно ги неутрализира најдобрите играчи на Олимпијакос и заслужено стигна до победата. Се истакна само Фурние кој постигна безмалку половина поени на својот тим (31), но потфрли Везенков кој за 32 минути во игра постигна само седум поени, со шут за тројка 0/6.
Монако имаше повеќе расположени играчи, Диало постигна 22 поена, Џејмс додаде 17, а двоцифрени беа уште Блосомгехм и Жеите.


