Репрезентацијата на Хрватска одамна не е во европскиот кошаркарски крем, но барем беше редовен учесник на континенталните шампионати.
Се до овие квалификации во кои доживеа тотален дебакл и по 14 учества во низа, првпат од осамостојувањето ќе пропушти едно Европско првенство. Во клучниот натпревар, „коцкестите“ загубија на домашен терен од Франција со 80-83 и без разлика на тоа што ќе се случи во последното коло, немаат шанси да се најдат меѓу патниците на Еуробаскетот. БиХ го совлада Кипар со 108-62 и има една победа повеќе од Хрватска, а поради подобриот биланс во меѓусебните дуели со Хрватска, јасно е дека ќе игра на следното големо натпреварување.
На Хрваттите не им стигна ни фантастичниот Марио Хезоња кој постигна 37 поени и 11 скока. Потфрли Џејлин Смит кој за 35 минути во игра постигна само девет поени, но репрезентацијата на Франција заслужено победи, имајќи предвид дека постојано беше во водство.
Од оваа група, на Европското првенство се пласираа Франција и БиХ, а Кипар имаше автоматски обезбеден пласман како ко-домаќин на шампионатот.


