Шпанскиот првак Реал Мадрид по осми пат во низа ја победи Барселона во меѓусебните дуели, сметајќи ги сите натпреварувања.
Вечерва се одигра второто лигашко Ел Класико, а Реал славеше како гостин со 91-89 со што остана на челната позиција на табелата, со една победа повеќе од Тенерифе. Барселона е без победа во дуелите со најголемиот ривал точно една годин, односно од 7 април 2024 кога пред своите навивачи триумфираше со 85-79. Мора да се истакне дека каталонскиот тим има големи проблеми со повредени играчи оваа сезона и на овој меч беше без Лапровитола, Весели, Мету и Нуњес.
Победникот беше решен во последните 85 секунди во кои Барселона влезе со предност од 83-82. Муса промаши во следниот напад, но гостите оостварија офанзивен скок по кој Љуљ погоди тројка, а Босанецот потоа повторно погоди од дистанца за 88-83, предност која Барселона во финишот не успеа да ја достигне.
Ветеранот Љуљ секогаш е специјално инспириран кога игра против Барселона, па вечерва постигна 19 поени, додека Муса и Таварез додадоа по 15. Кај Барселона, Пантер беше прв стрелец со 19 поени, но со многу промашувања во последната четвртина.


