Иако оваа сезона не блеска, Реал Мадрид е непремостлива пречка за својот најголем ривал Барселона.
Вечерва, „кралевите“ славеа во второто евролигашко Ел Класико со 96-91 и седми пат по ред го совладаа каталонскиот клуб, сметајќи ги сите натпреварувања. Само оваа сезона, билансот во меѓусебните пресметки е 4-0 со тоа што Реал два пати славеше во Евролигата и по еднаш во шпанското првенството и Суперкупот на Шпанија. Останатите три победи се од полуфиналето на шпанскиот плејоф минатата сезона во кој Реал славеше со 3-0.
Сепак, мора да се истакне дека и покрај поразот Барселона се покажа во добро издание, имајќи ги предвид проблемите со повредени кошаркари со кои се соочува. Победникот беше решен во последните моменти од мечот откако на 78 секунди пред крајот, резултатот беше 86-86. Реал потоа направи серија од 7-0 и го скрши отпорот на жилавиот противник.
Хезоња со 19 и Кампацо со 18 поени беа најефикасни во тимот на Реал, додека прв стрелец на мечот беше кошаркарот на Барселона, Жоел Пара. Со оваа победа, Реал се искачи на десеттото место на табелата, а Барса падна на 11. позиција, но двете екипи имаат ист биланс – 14/13.


