Иако најавуван како дерби на првата рунда од плејофот, дуелот меѓу Олимпијакос и Реал воопшто не личеше на такво нешто.
Олимпијакос победи со 84-72, но дури ни тоа не е реален одраз на она што се случуваше во Пиреја. Реал отвори со 2-0, Грците одговорија со 12-0, а пред крајот на првата четвртина веќе беше 17 разлика за домашниот тим (25-8). Оттогаш до крајот, Реал ниеднаш не се симна на едноцифрена негатива, а капак на дебаклот беше исклучувањето на Чус Матео на стартот од третиот период откако јасно го искажа своето незадоволство од судиските одлуки.
Серхио Љуљ се обидуваше нешто да направи во последните десет минути, шпанскиот тим се доближи на 13 поени разлика, но потоа продолжи да ги троши непотребно нападите, мечот го заврши 19 загубени топки и тука треба да се бара главната причина за убедливиот пораз.
Реал ќе има два дена да ги анализира и поправи грешките од денешниот натпревар и подготвен да го дочека вториот меч кој исто така се игра во Пиреја.


