Поранешниот европски првак Партизан го доживеа четвртиот пораз во последните пет кола од Евролигата откако вечерва загуби на гостувањето кај Баерн со 74-89.
Белградскиот тим со ова направи уште еден голем чекор назад во борбата за плејинот и во последните две кола, против Жалгирис и Реал не смее да си дозволи пораз ако сака да остане во игра за пост-сезоната, но дури и со два триумфа нема гаранција дека ќе биде во топ-10. Вечерва загуби по добро познато сценарио – се држеше три четвртини, водеше и со девет разлика, но не го издржа притисокот во последниот квартал и дозволи да доживее убедлив пораз.
„Црно-белите“ немаа одговор за расположениот Карсен Едвардс кој постигна 25 поени, а особено беше активен во финишот кога Баерн го скрши отпорот на Партизан.
Шансата на Партизан сега е Париз кој е на десеттото место на табелата во Евролигата бидејќи „црно-белите“ се подобри во меѓусебните дуели. Сепак, францускиот тим има уште три натпревара до крајот, а и нешто полесен распоред бидејќи во последното коло ја пречекува отпишаната Алба.
РЕЗУЛТАТИ
Асвел – Жалгирис 88-79
Олимпијакос – Монако 77-80
Баерн – Партизан 89-74
Олимпија Милано – Барселона 88-98


