Македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс по одличната сезона во Евролигата го привлече интересот на речиси сите европски гиганти и во моментов се наоѓа на слатки маки која понуда да ја избере.
Со оглед на тоа што во моментов во Париз игра за годишна плата од 450 илјади евра, јасно е дека ќе ја смени средината во текот на летото и догодина ќе заработува барем 3-4 пати повеќе. Во морето понуди, израелскиот портал Walla sport тврди дека најбогата е онаа од дебитантот во Евролигата, Хапоел Тел Авив кој со големи амбиции ја дочекува идната сезона.
Сепак, Хапоел ќе има огромна конкуренција во европските гиганти, а срамежливо се спомнува и можен трансфер на Шортс во НБА и тоа во тимот на Мемфис, каде од неодамна прв тренер е неговиот поранешен шеф во Бон и Париз, Томас Исало. Ако, сепак, ја одбере понудата од Хапоел, македонскиот репрезентативец би можел да игра со Василије Мициќ за кого овој клуб исто така е заинтересиран.


