Поранешниот европски шампион Партизан вечерва го почнува својот настап во полуфиналето од АБА лигата, а на неколку часа пред почетокот дојдоа катастрофални вести за навивачите.
Специјализираниот кошаркарски портал Спортандо објави дека е можно Карлик Џонс по само една сезона да си замине од Белград и да се пресели во новиот шампион на Европа, Фенербахче. Турскиот тим најверојатно ќе остане без неколку важни кошаркари претстојното лето, а дел од празнината се очекува да пополни токму со репрезентативецот на Јужен Судан.
Џонс сезонава просечно постигнуваше по 14,1 поен, 3,2 скока и 5,4 асистенции со што беше најдобар поединец во тимот. Важно е да се знае дека има договор со Партизан до 2026 година и тоа може да биде клучен фактор во целата приказна.


