Македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс се прикажа во одлично издание во својата дебитантска сезона во Евролигата.

Париз на крајот го освои осмото место, а најголема заслуга за тоа имаше плејмејкерот кој, меѓу другото, четири пати беше избиран за играч на колото и еднаш за играч на месецот. Сепак, Американецот со македонски пасош има многу причини за задоволство бидејќи сезоната ја завршува во кругот на најдобрите кошаркари во елитното натпреварување.

На крајот, тој е најдобар асистент сезонава во Евролигата со просек од 7,5 додавања по натпревар, четврти стрелец со 18,7 поени (пред него се Везенков, Едвардс и Нан) и има втор највисок просечен индекс со 23,1, зад Александар Везенков.

Овие бројки многу веројатно ќе му овозможат на Шортс да биде избран во идеалната петорка на сезоната во Евролигата, но Везенков останува прв фаворит за МВП признанието, меѓу другото и поради тоа што Олимпијакос го освои првото место по основниот дек од сезоната.


