Ако вчера беа минимални шансите на Партизан да се пласира во плејинот од Евролигата. вечерва се уште помали.
Причина за тоа е сензационалниот триумф на Париз на гостувањето кај Панатинаикос со што францускиот тим се одлепи на две победи во однос на Партизан, на две кола до крајот на основниот дел од сезоната. Во еден од најдобрите натпревари сезонава, Париз славеше со 101-98, па освен тоа што безмалку го обезбеди пласманот во плејинот, остана во игра и за место во топ-6.
Париз водеше безмалку цел натпревар, но Панатинаикос успеа да се крене од бездната во последната четвртина и да ја направи завршницата неизвесна. По 30 минути игра, гостите водеа со 18 поени разлика (86-68) за ПАО со серија од 11-0 на стартот на последниот квартал да се закани дека ќе направи пресврт каков што веќе беше виден оваа сезона во ОАКА. Сепак, до тоа не дојде и во драматичниот финиш Париз успеа да дојде до исклучително важна победа.
Убедливо најзаслужен за тоа е македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс кој за малку не влезе во историјата како еден од ретките со трипл дабл во Евролигата. За 30 минути во игра, Шортс постигна 20 поени, 14 асистенции и 9 скока за индекс 36, убедливо највисок во својот тим. Најблиску до него беше Јантунен со индекс 18.
По триумфот на Париз, дури пет екипи, од шестата до десеттата позиција се со биланс 18/14 и во последните две кола ќе се решава за конечниот распоред и која од нив ќе игра директно во плејофот. Париз го очекува уште едно тешко гостување, кај Реал, но во последното коло на домашен терен се среќава со најслабиот тим во лигата Алба.
РЕЗУЛТАТИ
Анадолу Ефес – Макаби 90-88
Фенербахче – Басконија 82-77
Алба – Виртус 64-108
Црвена Звезда – Реал 72-78
Панатинаикос – Париз 98-101


