Монако и Фенербахче вечерва во Абу Даби ќе го дадат името на новиот европски шампион во кошарка.
Веројатно никој пред сезоната, а и пред почетокот на Ф4 не очекуваше вакво финале имајќи предвид дека постојано беа фаворизирани Реал, Панатинаикос и Олимпијакос. Реал воопшто не стигна на завршниот турнир, а грчките гиганти се елиминирани во полуфиналето. Фенербахче вечерва ќе се бори за својот втор, а Монако за првиот трофеј во Евролигата, во клупската историја.
Но, колку што е значаен дуелот на тимски план, толку ќе биде интересна и директната пресметка на двете легенди на Евролигата, Шарунас Јасикевичиус и Василис Спанулис, сега во улога на тренери. Еден од нив вечерва ќе влезе во елитното друштво во кое до моментов има само три члена.
Станува збор за луѓе кои успеале како тренери и играчи да слават во Евролигата, вклучувајќи го и Купот на европски шампиони кој го организираше ФИБА. Таму се само Лоло Саинс кој со Реал четири пати триумфираше како играч и два пати како тренер, потоа Арменак Алачачијан кој по две титули како играч и тренер има со ЦСКА и Светислав Пешиќ кој КЕШ го освои со Босна како играч, а потоа триумфираше во Евролигата со Барселона како тренер.
Јасикевичиус имаше веќе неколку шанси да им се придружи, има четири титули во Евролигата како играч, а пет пати учествуваше на Ф4 како тренер, но ниеднаш не успеа да слави. Вечерва ќе ја има шестата шанса, но во исто време и Спанулис ќе се обиде да влезе во елитното друштво затоа што тој има три титули во Евролигата како играч, а оваа сезона му е прва како тренер во ова натпреварување.


