Три од четирите натпревари во Евролигата што се играа во вечерниот термин имаа неверојатен тек и фантастични завршници.
Европскиот шампион Панатиникос на домашен терен го победи Жалгирис со 89-76, но тоа ништо не значи ако не се знае дека во првото полувреме грчкиот тим имаше дури 20 поени негатива. Жалгирис водеше со 10 разлика и по три четвртини, а потоа кошаркарски земјотрес во ОАКА. Панатинаикос го отвори последниот период со 18-0, подоцна имаше и 29-2, а Жалгирис во тие 10 минути не постигна ниеден кош од игра.
Голема негатива надополни и Монако кој на гостувањето кај Виртус губеше и со 21 поен разлика (18-39), но сепак победи со 86-80 и ја прекина серијата од три порази.
🎯🎯 Tremendo triple de Mario Hezonja para decidir uno de los partidos más extraños de la temporada pic.twitter.com/8GK363QqXB
— Carlos Santos (@csantosradio) January 23, 2025
Максимално возбудливо беше во Мадрид каде Реал ја победи Басконија со 90-89. На половина минута пред крајот гостинскиот тим имаше предност од четири разлика и напад, но ја загуби топката и му овозможи на Хезоња со тројка да намали на -1. Во следниот напад кошаркарите на Басконија промашија дури три слободни фрлања, но погодија едно и со 89-87 ја дочекаа последната акција на Реал. Кампацо искомплицира, за малку ќе ја загубеше и тој топката, но некако го проигез Хезоња, овој го „излета“ Монеке и ладнокрвно, во последната секунда погоди тројка за победа.
РЕЗУЛТАТИ
Анадолу Ефес – Олимпија Милано 110-66
Макаби – Црвена Звезда 85-73
Панатинаикос – Жалгирис 89-76
Виртус – Монако 80-86
Реал – Басконија 90-89


