Деветта година по ред, Црвена Звезда не успеа да стигне до плејофот во Евролигата иако оваа сезона направи мал чекор напред и играше во плејаутот.
Сепак, падна уште на првиот чекор откако вечерва загуби на гостувањето кај Баерн со 93-97 по продолжение. Тоа беше трет натпревар по ред на Црвена Звезда во кој играше дополнителни пет минути и ги загуби сите три бидејќи во основниот дел од сезоната доживеа порази на идентичен начин и од Анадолу Ефес и Панатинаикос.
Ако се направи генерална анализа, Баерн ја надигра Звезда само во третата четвртина која ја доби со 32-15 и со неа ги покри сите недостатоци во својата игра. Гостите го диктираа темпото во првото полувреме во кое имаа и десет поени предност, но дозволија Баерн не само да ја анулира негативата, туку во последниот квартал да влезе со 71-61. Во финалните десет минути Звезда се надмина себеси и успеа да дојде до израмнување, па дури и да се крене од бездната бидејќи на две секунди пред крајот губеше со два разлика.
Кошот на Петрушев во последната секунда го однесе мечот во продолжение, но таму Баерн доминираше, отвори со две тројки и успеа да го скрши отпорот на гостинскиот тим.
Сепак, ова не значи дека Баерн оди во плејофот бидејќи му претстои уште еден тежок меч, против Реал во Мадрид. Натпреварот ќе се игра в четврток, а победникот оди на мегдан со најдобриот тим од основниот дел на сезоната – Олимпијакос.


