Првата ѕвезда на Олимпијакос, Александар Везенков го одигра најлошиот натпревар сезонава во Евролигата и тоа тогаш кога не смееше – во полуфиналето.
Неговиот тим загуби од Монако, а бугарскиот репрезентативец постигна само седум поени со шут за тројка 0/6. Целиот товар падна на Еван Фурние кој одговори на предизвикот и постигна 31 поен, но ни тоа не беше доволно за пласман во финалето и продолжение на борбата за титулата.
„Не бев на очекуваното ниво, но не можам да се вратам назад иако би сакал. Знам дека ги разочарав сите, пред се нашите навивачи. Грешката е кај нас, противникот беше подобро подготвен, ама спортот е таков. Во моментов се чувствувам испразнето затоа што не играв добро“, рече Везенков.
Како резултат на поразот во полуфиналето, тој привремено го исклучи Инстаграм профилот кој денеска не е во функција. Според неговите пријатели, тоа го направил за да се заштити себеси и семејството во моменти на професионално разочарување.


