Екипата на Црвена Звезда ја „потврди“ победата над Партизан и направи уште еден голем чекор кон пласманот во плејофот од Евролигата.
На домашен терен, белградскиот тим го совлада Асвел со 73-66 и да не беше триумфот на Панатинаикос во драматичниот меч со Фенербахче, ќе се искачеше на петтото место на табелата. Ова беше трет триумф за Звезда во последните четири кола и вкупно 15. во сезоната, а има шанса да оствари уште еден бидејќи во следното коло гостува кај најслабиот тим во Евролигата, Алба.
Што се однесува до вечерашниот натпревар, Звезда имаше контрола над резултатот во текот на сите 40 минути. Асвел знаеше на моменти да се врати во игра со серија поени, но домаќините брзо одговараа и го одбиваа ударот. На пет минути пред крајот, Звезда отиде на 66-52 и тука веќе беше јасно дека ќе оствари уште еден триумф.
Во прилично неефикасниот натпревар, најдобар стрелец беше играчот на Асвел, Тео Маледон со 13 поени, додека кај Звезда, Кенан постигна 11.


