Екипата на Шлонск оствари исклучително важна победа во дуелот со Арка, триумфирајќи со 87-82 со што остана во игра дури и за директен пласман во плејофот од полското првенство.
Тоа беше и директен дуел на екипите предводени од македонските тренери и членови на стручниот штаб на репрезентацијата Александар Јончевски и Никола Василев, а како победник излезе селекторот. Натпреварот го одбележа резултатската нишалка, имајќи предвид дека двата тима неколку пати се сменија во водство, но победникот го одлучи подобрата игра на Шлонск во последните моменти.
На помалку од три минути пред крајот, Арка водеше со 77-73, а на 100 секунди пред крајот беше 80-78 за гостинскиот тим. Следуваше серија од 7-0 на Шлонск за водство од 85-80 на осум секунди пред крајот, па во пенал завршницата, домаќините успеаја да ја сочуваат предноста и да дојдат до победа.
Со овој триумф Шлонск привремено се искачи на шестото место на табелата со биланс 9/8, додека Арка е на 14. позиција со 6/10.


