Олимпијакос покажува интерес за ангажман на Карлик Џонс, но доколку грчкиот гигант навистина сака да го доведе плејмејкерот, ќе мора да најде начин да го скрши цврстиот став од Партизан. Клубот од Белград не размислува за продажба на еден од своите најважни кошаркари, а тоа јавно го потврди и претседателот Остоја Мијаловиќ.
Информациите за интересот на Олимпијакос се појавија вчера, кога беше објавено дека грчкиот тим стапил во контакт со Партизан за можноста да го ангажира американскиот плејмејкер. Според информациите што ги пренесуваат медиумите, тимот од Пиреја е во потрага по засилување на бековската линија, а Џонс се најде меѓу посакуваните имиња.
Сепак, одговорот од Белград беше категоричен. Претседателот на Партизан, Остоја Мијаловиќ, преку објава на социјалната мрежа „Х“ порача дека Џонс има гарантиран договор со клубот и за оваа и за следната сезона, без откупна клаузула.
„Карлик Џонс има гарантиран договор со Партизан за оваа и следната сезона, без излезна клаузула. Тој е нашиот најдобар играч и сметаме на него во остварувањето на спортските цели оваа сезона. Клубот не е заинтересиран да го продаде“, порача Мијаловиќ.
Џонс пристигна во Партизан во 2024 година, а со своите настапи се наметна како еден од лидерите на белградскиот состав. Неговата важност за играта на црно-белите е потврдена и со статистиката во Евролигата оваа сезона.
Американскиот плејмејкер на досегашните 12 натпревари во елитното европско натпреварување има просек од 14,4 поени, 5,9 асистенции и 2,9 скока за нешто помалку од 28 минути на паркетот.


