Екипата на Барселона доживеа уште еден пораз во шпанското првенство по кој падна на деветтата позиција на табелата.
Во каталонското дерби, Хувентут славеше како гостин во Блауграна со 91-90 по продолжение и ја исфрли Барса од зоната која води во Копа дел Реј. Барселона сега има биланс 7/7, а добро во целата ситуација е што има меч помалку од осмопласираната Сарагоса.
Сепак, во (по)следните три кола од првата полуетапа, Барселона мора да оствари исто толку победи за да може да се надева на пласман на завршниот турнир од Купот. Акол не успее во тоа, ќе го пропушти Копа дел Реј што не се случило во последните 60 години, односно по 1965 кога на турнирот учествувале само четири екипи.
Што се однесува до денешниот натпревар, трагичар беше Томаш Саторански кој промаши две слободни фрлања на девет секунди пред крајот, при водство на Барселона од 90-89. Во следниот напад Мету го фаулираше Робертсон кој ги погоди двата „пенала“ и му донесе победа на Хувентут.


