Амбициите на Барселона да се пласира во Копа дел Реј доживеаја нов тежок удар откако денеска загуби во каталонското дерби со Жирона со 90-91.
Жирона е последнопласирана на табелата во АЦБ лигата, но сепак успеа на Барса да ѝ го нанесе третиот пораз во низа и четврти во последните пет меча во шпанското првенство. На две кола пред крајот на првата полуетапа, Барселона е на деветтото место со една победа помалку од Манреса и Сарагоса и ѝ претстои грчевита борба за пласман во топ-8 ако се знае дека претстојниот викенд гостува кај одличната Гран Канарија која има биланс 6/1 на домашен терен оваа сезона.
Кошот за само четврта победа на Жирона оваа сезона го постигна Ироегбу на две секунди пред крајот. Тоа е и прва победа на Жирона против Барселона во клупската историја, а првпат оваа сезона тимот се наоѓа во серија од два триумфа.
Не е исклучено по денешниот дебакл, Жоан Пењароја ќе биде ослободен од обврските кон Барселона бидејќи во текот на денот шпанските медиуми шпекулираа дека веќе се подготвува простор за ангажман на Светислав Пешиќ.


