Актуелниот европски шампион Панатинаикос му врати на Партизан за поразот во првиот меѓусебен дуел оваа сезона, одигран во Белград.
„Детелинките“ славеа на домашен терен со 96-84 што, сепак, е помала разлика од онаа со која Партизан триумфираше пред своите навивачи (91-73), но најважно за атинскиот тим е тоа што ја оствари петтата победа во низа во Евролигата и се искачи на второто место на табелата, во очекување на утрешниот меч на големиот ривал Олимпијакос кој моментално е лидер.
Панатинаикос пропушти шанса многу поубедливо да слави бидејќи во финишот водеше и со 23 поени разлика (94-71). Партизан потоа направи серија од 13-0 и го ублажи убедливиот пораз, но остана на 13. позиција на табелата.
Кендрик Нан со 25 поени беше најефикасен во тимот на Панатинаикос, а Џеди Осман одигра еден од своите најдобри натпревари сезонава, постигнувајќи 18 поени. Кај Партизан се истакна Стерлинг Браун со 23 поени, а разочара најдобриот играч во тимот Карлик Џонс кој за 11 минути во игра постигна само три поени.
РЕЗУЛТАТИ
Фенербахче – Алба 90-73
Монако – Барселона 84-98
Макаби – Милано 74-107
Панатинаикос – Партизан 96-84


