Српскиот и АБА шампион Црвена Звезда ја продолжи фантастичната серија во Евролигата откако вечерва ја оствари четвртата победа во низа и шеста во последните седум натпревари.
На домашен терен, „црвено-белите“ го победија Париз со 85-69 што е петти пораз по ред за францускиот вицешампион. Решавачко беше второто полувреме кое Звезда го доби со 46-30 и тогаш ја направи клучната предност откако воведните 20 минути завршија нерешено (39-39).
Не функционираше најсилното оружје на Париз, шутот од дистанца, па гостите погодија само седум тројки од 30 шута (до последната минута имаа само пет), а најлоши во тој поглед беа Надир Хифи (3/11) и Микаел Јантунен (0/5). Црвена Звезда имаше далеку подобар процент за тројка (9/19), а десетте загубени топки ги покри со подобра игра под кошевите, односно скокот.
Најдобар поединец на мечот повторно беше македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс со 17 поени, но 11 од нив постигна во почетната фаза од натпреварот. Кај Звезда, Ајзеа Кенан постигна 15 поени, а Недовиќ и Мекинтаер по 14.


