Димитрис Јанакопулос не се задоволува со една титула во Евролигата, туку е решен да направи династија од Панатинакос која ќе владее со европската кошарка и во следните години.
За таа цел, како што тврдат дел од грчките медиуми, веќе направил план за идната сезона. Тој план вклучува големи финансиски средства, но ако се оствари, ПАО веројатно ќе биде без конкуренција на континентот.
Првиот дел е да се убеди Кендрик Нан да остане бидејќи во неговиот договор кој е со важност до 2026 година, има клаузула за заминување во НБА лигата. Јанакопулос планира да му понуди нов тригодишен договор за вкупна сума од 20 милиони евра со што Американецот ќе стане најплатен кошаркар во Европа.
Вториот дел го вклучува српскиот репрезентативец Василије Мициќ кој не се прослави во НБА, но во Евролигата се уште е исклучително ценет. Неговата плата во Шарлот изнесува 7 милиони долари по сезона, но Јанакопулос се надева дека ќе го донесе за помалку со што ќе создаде екипа која ќе гази во Евролигата.


