Два дена по поразот од Фенербахче на домашен терен, Црвена Звезда повторно пред своите навивачи дојде до исклучително значајна победа во борбата за пласман во разигрувањето за титулата во Евролигата.
По продолжение, „црвено-белите“ го совладаа тимот на Монако со 88-82 и останаа ана границата меѓу плејофот и плејаутот. Со оглед на тоа што и следните три натпревари ги игра во Белград, Звезда има добра шанса да се избори за добра позиција пред завршницата од основниот дел.
Денешниот натпревар беше мошне турбулентен, полн со осцилации и двете екипи имаа шанса да победат. Монако водеше со 10 разлика на стартот од вториот период (23-13) пред Звезда да направи серија од 19-1 за водство од 32-24. Во третиот период домаќините имаа +10 (46-36), но Монако ја имаше последната можност за триумф. При 76-76, францускиот шампион имаше цел напад за да постигне кош и да победи, ама Мајк Џејмс ја заглави акцијата, па мораше да шутира од неигзрадена позиција со истекот на времето.
Во дополните пет минути, носена од навивачите, Звезда ја презеде контролата над резултатот, поведе со 88-81 и дојде до важната победа.
Филип Петрушев и Ајзеа Кенан се издвоија како херои на овој натпревар. Српскиот репрезентативец постигна 29 поени со само едно промашување од игра и за 22 минути во игра, додека Кенан блесна во важните моменти, реализирајќи неколку важни напади. Двете екипи се израмнети на табелата со биланс 13/9 со тоа шшто Монако го претрпе третиот пораз во низа.


