Љубителите на кошарката низ Европа останаа со подзинати усти откако денеска беше обелоденет буџет на францускиот прволигаш Париз за оваа сезона, а пред се од платата што ја заработува македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс.
Тимот кој е едно од најпријатните изненадувања во Евролигата располага со само 5,6 милиони евра што го прави неговиот успех оваа сезона уште поголем. По 21 коло во елитното натпреварувања, Париз се наоѓа на третото место со биланс 13/8 и реални шанси да се пласира во плејофот.
Уште поголемо вчудовидување предизвика годишната плата на Шортс кој е еден од кандидатите за МВП на сезоната во Евролигата, а два пати досега беше прогласен за играч на колото. Американецот со македонски пасош има договор за 450 илјади евра по сезона што е неверојатно ниска сума за таков калибар. Да биде чудото поголемо, заедно со Маодо Ло и Кевариус Хејс, Шортс е најплатен во тимот на Париз.
Платата што ја заработува тој оваа сезона е минимална во однос на најплатениот играч оваа сезона во Евролигата, Александар Везенков кој заработува 3,7 милиони евра. Споредбата со Бугаринот е оправдана ако се знае дека тој и Шортс се главни аспиранти за признанието за играч на сезоната.


