Црвена Звезда е победник во второто евролигашко вечно дерби оваа сезона откако вечерва како гостин го совлада Партизан со 73-71.
Тврдиот и драматичен натпревар беше одлучен на секунда пред крајот, а како и пред две сезони, кобен за „црно-белите“ беше Немања Недовиќ. Во сезоната 2022/23, искусниот шутер погоди тројка со истекот на времето, а вечерва реализира слободни фрлања непосредно пред последниот звук на сирената.
🤔 Sterling Brown, süre dolmak üzereyken yaptığı bu faulle Partizan'a derbiyi kaybettirdi.pic.twitter.com/4J4d5wwLvM
— Eurohoops Türkiye (@EurohoopsTR) January 31, 2025
Трагичар на мечот е Стерлинг Браун кој го направи фаулот врз Недовиќ на секунда пред крајот, во ситуација кога истекуваше времето, а противничките кошаркари не можеа да изградат течен напад. Американецот се залета во обид да го блокира Недовиќ ако овој шутира за тројка, но кошаркарот на Црвена Звезда искусно го сочека, изнуди лична грешка и потоа со две погодени од трите слободни фрлања стави точка на победата на Црвена Звезда. Мора да се истакне дека победата на АБА шампионот е апсолутно заслужена ако се знае дека беше во водство безмалку цел натпревар, го диктираше темпото и го издржа притисокот од бројната противничка публика.
Со овој триумф, „црвено-белите“ повторно се оддалечија на две победи разлика во однос на Партизан и се искачија на шестото место на табелата, на десет кола пред крајот на основниот дел од сезоната. Партизан е на 11. место со биланс 12/12, но се уште има шанси да стигне барем до плејинот. Ако има нешто добро за тимот на Жељко Обрадовиќ од овој натпревар, тоа е фактот што загуби со два разлика, додека во првиот меч славеше со 12, па во случај на идентичен биланс, би имал предност во однос на својот најголем ривал.


