Дербито на 23. коло од Евролигата се игра утре во Пиреја каде се среќаваат првоплсираните екипи на табелата, Олимпијакос и Фенербахче.
Тоа ќе биде нова пресметка меѓу двајцата големи стручњаци Јоргос Барцокас и Шарунас Јасикевичиус кои влегоа во жесток вербален, за малку и физички на дуел на претходниот меч во Истанбул. При ракувањето по завршувањето на натпреварот, двајцата си кажаа многу лоши работи и тоа подоцна се развлекуваше по медиумите, а и едниот и другиот имаа свои аргументи зошто дошло до такво нешто.
Три месеци подоцна, претстои уште еден тежок меч за Олимпијакос и Фенербахче, но Барцокас тврди дека несогласувањата со Јасикевичиус се надминати и тоа поради фудбалски клуб.
„Разговаравме и ги решивме проблемите. Често се случуваат вакви ситуации, особено кога кога има толкав ривалитет и притисок. Мојот однос со Шар е одличен, ние сме обединети во љубовта кон Манчестер Јунајтед и затоа повеќе нема несогласувања меѓу нас“, рече Барцокас.
Неговиот тим го очекува утрешниот натпревар со серија од седум победи во Евролигата каде последниот пораз го доживеа на 13 декември од Црвена Звезда во Белград.


