Иако има многу заинтересирани клубови за него, пред се Панатинаикос, српскиот репрезентативец Василије Мициќ ако се враќа во европската кошарка, ќе заигра за Црвена Звезда, тврдат медиумите кај нашиот северен сосед.
Според нив, Мициќ веќе имал контакт со претставници на Звезда, како и со тренерот Јанис Сферопулос и разговорите поминале во пријатна и позитивна атмосфера. Во моментов Мициќ е член на Шарлот Хорнетс, но таму не е во прв план и просечно постигнува по 7 поени, 3,5 асистенции и 2,3 скока. Преговорите ќе продолжат по завршувањето на НБА сезоната која, ако Шарлот не се пласира во плејофот, за плејмејкерот ќе финишира веќе во април.
Мициќ веќе играше за Црвена Звезда во сезоната 2015/16 како позајмен играч од Баерн и тогаш ги освои трофеите во АБА лигата и српското првенство.


